Меси мора да се извини, или ќе добие двогодишна суспензија!

Лионел Меси предизвика бура при завршницата на Копа Америка, откако го обвини КОНМЕБОЛ за корупција и привилегирање на Бразил во битките за континенталната круна. А сега дојде време за израмнување на сметките…

Јужноамериканската фудбалска асоцијација покрена дисциплинска постапка против најдобриот аргентински фудбалер, кого за изнесените обвиненија му се заканува суспензија од максимални две години. Аргентинците имаат рок до утре да ја подготват одбраната за својата „ѕвезда“, се со цел да биде намалена казната што ќе му биде изречена на Меси. Тој доби и црвен картон на „малото финале“ против Чиле, но многу поголем проблем за асот на Барса се неговите изјави со кои јасно се прекршува правилникот на КОНМЕБОЛ – за било какви навреди кон оваа организација или однесување со кое се дискредитира оваа организација.

На „гаучосите“ им е јасно – за ублажување на конфликтот неопходно ќе биде извинување од Меси, но тоа е потешкиот дел од задачата, како да се натера големата „ѕвезда“ да се извини за толку децидни ставови искажани пред помалку од еден месец.

Од друга страна, долга суспензија ќе значи дека Меси би го пропуштил стартот на квалификациите за СП 2022, а неизвесно е дали би можел да настапи и на Копа Америка 2020, натпреварување кое ќе го организираат Аргентина и Колумбија и што според многумина е негова последна шанса за репрезентативен трофеј.

Јасно е дека егото кај ваквите спортски мегаѕвезди е огромно, па затоа интересно ќе биде да се види дали Меси ќе се извини, или ќе води инает до крај и ќе ризикува ригорозна казна.

Се вчитува...