Лионел Меси има договор со Барселона до 2021 година, но последните информации говорат дека најдобриот фудбалер на каталонскиот гигант може да си замине од „Камп ноу“ веќе следното лето, и тоа без ниту едно евро отштета за неговиот клуб. Станува збор за клаузула што ја обелоденија каталонските медиуми, според која Меси може да си замине од клубот една година претходно, но само во „неатрактивна лига“.
Со тоа Барса се осигурала Аргентинецот да не може да се пресели кај ривал кој би атакувал на трофејот во ЛШ, а Меси би добил можност да си ја исполни желбата што неколку пати ја повторува – пред крајот на кариерата да се врати во татковината и да го облече дресот на Њуел Олд Бојс.
Впрочем, офанзивата на Барса по Нејмар е само осигурување дека каталонскиот гигант ќе има моќен тим и доколку Меси си замине. Останува да се види дали шпанскиот шампион ќе му понуди на својот најдобар фудбалер продолжување на договорот со важност до 2021 година, што не е нималку лесна задача со оглед на фактот дека Меси во моментов има загарантирани околу 50 милиони евра по сезона.
Едно е јасно, „ерата на Лео“ не може да трае вечно за Барса, а со секоја следна сезона крајот е се поблиску.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА