Меси носи свој тренер, но и поранешен соиграч во Интер Мајами

Дејвид Бекам можеби е сопственик на Интер Мајами, но Лео Меси со доаѓањето покрај улогата на суперѕвезда ќе дејствува и како „тим-менаџер“ во американскиот клуб, носејќи директни одлуки околу стручниот и играчкиот кадар.

Бекам неодамна го отпушти својот добар пријател Фил Невил, кој освои само 15 бода по првите 15 одиграни рунди во МЛС-лигата. Според последните информации, новиот тренер ќе биде избор на Меси, и тоа поранешниот аргентински селектор и тренер на Барселона, Тата Мартино. Откако Меси ја прифатил понудата на Интер Мајами, интензивирани се и преговорите со овој аргентински стратег, кој до крајот на оваа седмица ќе пристигне во Флорида за да стави потпис на новиот клуб.

Меси покрај нов тренер си носи и поранешен соиграч во новиот клуб. Станува збор за легендата на Барселона, Серхио Бускетс, кој како слободен играч си заминува од „Камп Ноу“ и ќе му се приклучи на овој суперамбициозен проект.

Интер Мајами моментно се наоѓа на последното 15. место во Источната конференција, па останува да се види дали и со помошта на Меси и на Бускетс овој тим може да влезе фуриозно во финишот од сезоната и да обезбеди место во плејофот.

Се вчитува...