Меси открива: Синот ме прашува, тато зошто те „убиваат“ во Аргентина

Гонзало Игуаин се откажа од настапите за аргентинската репрезентација жалејќи се на преголем притисок од јавноста, а денеска на истата тема говореше и Лионел Меси. Најдобриот аргентински фудбалер реши да се врати во дресот на „гаучосите“, но смета дека притисокот што се создава врз репрезентативците е непотребно голем.

„Сите играме најдобро што знаеме, доаѓаме овде за да освоиме нешто со репрезентацијата исто како што тоа го правиме со клубовите. Никој не може да каже дека не се залагаме доволно, а од друга страна се соочуваме со неверојатен притисок, што е апсолутно непотребен и не носи ништо добро. Многу мои блиски пријатели ми велеа дека сум луд ако решам да се вратам во репрезентацијата. Синот ме праша, тато зошто те „убиваат“ во Аргентина, не му е јасно што се случува. Се измислуваа најразлични работи за мене, кога не сум тука полесно е да се зборува за мене, но сепак решив повторно да го облечам дресот на Аргентина“ – изјави Меси.

Следен обид на Лео Меси за трофеј со националниот тим ќе биде претстојното издание на Копа Америка што ќе се одржи во Бразил. Аргентина е извлечена во групата Б, каде Меси и соиграчите за ривали ќе ги имаат Колумбија, Парагвај и Катар.

Се вчитува...