Леванте вечерва на „Сиудад де Валенсија“ ќе го пречека шпанскиот првак Барселона, а дел од медиумите на Пиринеите овој меч го најавија како дуел меѓу мајсторите за слободни удари, македонскиот репрезентативец Енис Барди и аргентинската мегаѕвезда Лионел Меси. Но, сепак, Меси како да се „исплаши“, па нема да биде дел од каталонскиот тим на вечерашното гостување. Секако, кога ќе се одземе шегата, јасно е дека Меси доби слободен викенд од тренерот Ернесто Валверде, откако вложи огромни напори во изминатиот дел од сезоната.
И покрај тоа, Валверде најавува дека Барселона ќе оди на победа против Леванте. Каталонскиот тим сака целата сезона да ја заокружи без ниту еден пораз.
„Во принцип, ние ги остваривме целите што се однесува до трофеите. Но, Барселона на секој нареден меч оди на победа и така ќе биде и против Леванте. Кога сме веќе пред крајот, посакуваме шампионатот да го завршиме без ниту еден пораз. Ќе биде тоа историски подвиг“, изјави Ернесто Валверде.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА