Меси секој ден се слуша со Чави, камбекот во Барселона е се поблиску

Радио Монте Карло (РМЦ) беше првиот светски медиум што пред две години обелодени дека Лео Меси ќе ја напушти Барселона и од сите понуди ќе ја избере токму онаа на ПСЖ. Токму РМЦ денеска се јави со нова информација поврзана со аргентинскиот генијалец, најавувајќи дека тој дефинитивно е решен да се врати назад во Барса, а во моментов се „пеглаат“ деталите за тоа да може да се случи.

Главен проблем претставува лимитот за плати во Барселона што е стриктно регулиран од Ла Лига. Каталонците ќе мора да продадат дел од најплатените фудбалери за да направат место во буџетот за Меси. Тој пак е подготвен за намалување на платата во однос на она што го заработува во ПСЖ. Аргентинецот исто така е согласен и значаен дел од платата да му биде поврзан со процент од продажбата на дресови на клубот, се со цел основицата да биде што пониска за тој да може да си го оствари сонот – да се врати назад на „Камп Ноу“.

Истиот извор тврди дека Лео е премногу разочаран од критиките што неосновано ги добива во ПСЖ и е решен да си замине од Париз. Тој во последниот период редовно се слуша со тренерот на Барселона, Чави, со кого стана добар пријател додека заедно настапуваа за Барса. Играчите на каталонскиот гигант исто така го посакуваат камбекот на големата ѕвезда, па останува само уште Жоан Лапорта да го сработи својот дел од работата, да се погрижи да не се повтори случајот од пред две години, кога и покрај договорот со Меси поради неможноста да биде регистриран во Ла Лига да дозволи тој да си замине од Барса.

Се вчитува...