Аргентинската ѕвезда Лионел Меси, даде интервју за канал на популарен аргентински комичар. Во тоа интервју капитенот на аргентинската селекција не пропушти повторно да го изрази своето разочарување од односот на ПСЖ.
Меси кажа дека по освоената светска шампионска титула со Аргентина во Катар, никој од ПСЖ не му честитал.
„Јас бев единствениот играч од аргентинскиот национален тим кој не доби признание за освоената титула на својата земја од мојот тогашен клуб. Иако не доживеав добри времиња во ПСЖ, играјќи таму станав светски првак. Сето зло за добро. Но, јас разбирам зошто француските навивачи ме исвиркуваа. Бев во селекцијата која го доби финалето против нивната репрезентација. Наша вина беше што тие повторно не станаа светски прваци“, изјави Меси кој напомена дека и покрај ова, имал одличен однос со Килијан Мбапе.
Меси кажа дека и натаму ќе игра за Аргентина, но и натаму не откри дали ќе игра на Мундијалот 2026 година.
„Сакам да бидам подготвен за Копа Америка. А, потоа ќе видам како ќе се чувствувам. Не размислувам за следниот Мундијал, затоа што е далеку“, вели Меси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА