Резултатската криза на Партизан уште повеќе се продлабочи откако „црно-белите“ загубија нов меч на домашен терен, овојпат од екипата на Олимпија Милано со резултат 81-88. Тимот на Жељко Обрадовиќ повторно потфрли во одбраната, примајќи над 80 поени, што на крајот придонесе домаќините и покрај огромната поддршка од трибините со наведнати глави да го напуштат теренот.
Ненад Димитријевиќ беше стартер, со тројка ги постигна првите поени на мечот, но изненадувачки тренерот Еторе Месина реши во второто полувреме воопшто да не го внесе македонскиот репрезентативец во игра. Димитријевиќ го заврши мечот со 3 поени и исто толку загубени топки за девет минути игра, најефикасни кај Милано беа Миротиќ со 19 и Менион и Ледеј со по 13 поени, додека прв стрелец на Партизан во вечерашниот пораз беше Брендон Дејвис со 17 поени.
Париз како гостин ја декласираше Барселона со 87-103, предводен од феноменалниот македонски репрезентативец Ти-Џеј Шортс. Американецот со македонски пасош беше незапирлив за каталонскиот гигант, завршувајќи го мечот со 24 поени, 9 асистенции, три украдени топки и дури 11 изнудени прекршоци.
Фенербахче успеа да стигне до триумф на жешкиот терен во Каунас против Жалгирис (65-72). Пресудна се покажа втората четвртина што турскиот тим ја доби со фантастични 5-26, Жалгирис се врати и дојде на „минус три“ и напад, но обидот на Франциско за израмнување не беше прецизен, по што Фенер од линијата за слободни фрлања ја запечати победата. Хејс-Дејвис со 18 и Гудуриќ со 17 поени беа најефикасни во победничкиот тим, кој настапи без повредените плејмејкери Болдвин и Хол.
Европскиот првак Панатинаикос во фантастичен меч славеше над Виртус во Болоња со 77-82. Резултатот беше израмнет на 90 секунди до крајот (74-74), кога Грент и Лесор влегоа во серија и му ја донесоа победата на ПАО. Кендрик Нан ги предводеше стрелците на ПАО со 20 поени, а одличен беше и Матијас Лесор
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА