Екипата на Металург денеска на прес-конференција ги престави двете најголемите засилувања за следната сезона, поранешните француски репрезентативци Кевин и Оливие Ниокас. Едниот доаѓа од редовите на Нант, а другиот доаѓа од редовите на Бенфика, но од почетокот на новата сезона тие заедно ќе бидат дел од ракометното семејство на Металург.
Договорот е потпишан во времетрање од две години, со надеж дека во овој период Металург ќе се врати во борбата за трофеј на домашната ракометна сцена.
„Почнавме заедно пред 16 години во Париз и ова ни е можност повторно да играме еден покрај друг. Мотивирани сме и желни за докажување и сакаме да атакуваме на висок пласман со нашата нова екипа“, изјави Кевин Ниокас.
Соиграчиот на нашиот Кире Лазаров во Нант, Оливие Ниокас изјави дека голема улога за одлуката од следната сезона да настапуваат во дресот на тимот од Автокоманда има токму нашиот селектор.
„Среќни сме што сме овде. Го прашав за совет мојот соиграч Кире Лазаров кој ми кажа убави зборови за Металрг и ја олесни одлуката за да дојдеме во овој клуб. Преговорите траеа неколку месеци, но можам да кажам дека од првиот момент „клика“ меѓу нас и клубот. Претседателката стори се за да не донесе, а и ние прикажавме интерес за сега да сме тука“, изјави Оливие Ниокас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА