Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром стигна и до вториот триумф во полуфиналната серија од плејофот против Куманово, славејќи на гости со 88-93. Избраниците на Анте Назор се потпреа на своето искуство и успеаја да остварат нова победа за водство од 2-0 во серијата.
„Металците“ подобро го отворија мечот и првата четвртина ја добија со 18-25. Но, потоа Куманово возврати играјќи одличен втор период и на полувреме замина и со минимална предност (49-48). Третата четвртина повторно му припадна на МЗТ Скопје (19-24), а неизвесноста беше присутна се до самиот крај.
На шест минути пред крајот, со тројката на Јаневски кумановци поведоа со 77-76, но потоа возврати и МЗТ со серија 0-7. Завршницата ја одбележија слободни фрлања на двете страни, а шампионот сепак беше поуспешен и славеше со 88-93.
Димитар Караџовски со 24 поени и Марјан Јаневски со 23 поени беа предводници во тимот на Куманово, додека „штркот“ Шарлон Клоф со 25 уфрлени поени беше најефикасен на мечот. Имаше одлична поддршка и во Ѓорѓе Дреновац (18), Ксавиер Темс (15) и Јуре Лалиќ (15).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА