Металург и сезонава аплицира за дополнително место во Лигата на шампионите. Раководството на Металург изрази интерес и следната сезона да биде дел од најсилното европско натпреварување и преку Ракометната федерација на Македонија ќе бара од ЕХФ на Македонија да и додели уште едно место во ЛШ за следната сезона.
„Го испративме нашето барање до РФМ, документацијата за аплицирање за дополнително второ место во Лигата на шампионите за следната сезона е подготвена и апликацијата денеска ќе биде испратена во ЕХФ. Се надеваме ќе добиеме позитивен одговор од ЕХФ како и во претходните две сезони и дека Металург и во следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите“ – потврди претседателот на Металург, Зоран Цветановски.
Македонија според рејтингот во ЕХФ што се прави врз основа на резултатите на македонските клубови во европските купови во изминатите три сезони, за сезоната 2017/2018 има едно место во Лигата на шампионите кое му припаѓа на првакот во шампионатот, две места во ЕХФ Купот и едно место во Челинџ купот.
ЕХФ во изминатите неколку сезони доделува пет дополнителни места во Лигата на шампионите за екипи кои исполнуваат одредени критериуми, а не се шампиони во домашните првенства.
Одлуката дали и во наредната сезона, Металург ќе биде во привилегираната група и ќе добие место во ЛШ, ќе биде позната до крајот јуни. Ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите во машка и во женска конкуренција ќе се одржи на 30 јуни во Љубљана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА