Металург и Пролет ќе се сретнат вечерва во 19 часот во салата „Автокоманда“ во последниот натпревар од 12. коло од ракометната Супер-лига. Јасно е дека Металург ќе ја има фаворитската улога, особено откако тимот на Зоран Кастратовиќ е приморан да се фокусира само на домашното првенство по елиминацијата од ЕХФ-Купот од словенечкиот претставник Горење.
Во таборот на Пролет сепак постои надеж дека фаворитот може да биде изненаден, откако првиот овосезонски дуел меѓу двете екипи заврши 26-26, со гол во последната секунда на Металург.
„Имавме повеќе време да се подготвиме за натпреварот во однос на противникот, но мислам дека тоа нема да има преголемо влијание бидејќи Металург е тим што е добро покриен на сите позиции и дуелот со Горење нема да остави преголема трага врз настапот на домаќините. Против себе имаме тим што го респектираме, составен од македонски репрезентативци, но во првиот овосезонски дуел докажавме дека ако играме најдобро што знаеме, можеме да се носиме и со Металург. Токму затоа верувам дека повторно решавачки ќе бидат мотивацијата и ангажираноста на играчите на терен, очекувам моите ракометари да одговорат на предизвикот и добро да му парираат на противникот“ – изјави тренерот на Пролет, Никола Матлиески.
Металург со победа на денешниот дуел би се вратил на чело на табелата, на која моментно се наоѓа Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА