Ракометарите на Металург славеа убедлива победа на гостувањето во Панчево против дебитантот во регионалната СЕХА лига, екипата на Динамо со 20-25. По стартниот пораз од Вардар на домашен терен, ова се први бодови за избраниците на Лино Червар во новата сезона во регионалната лига.
Металурзи сигурно го отворија натпреварот и доминираа на теренот од почеток од крај. Почетното водство од 0-8 беше само најава за понатамошниот тек и крајниот исход на овој дуел. Домаќините првиот погодок го постигнаа дури по 13 минути игра кога Веселин Јелчиќ конечно успеа да го погоди голот на Металург за 1-8. Мерталурзи рутински ја одржуваа предноста и на одмор замнинаа со водство од 9-16.
Доминацијата на Металург против инфериорните домаќини продолжи и во второто полувреме. Сигурната игра на металурзи во одбраната, не им оставаше многу простор на ракометарите на Динамо кои како што одминуваше натпреварот, се повеќе грешеа и беа далеку под нивото на противникот. Металург умешно ги казнуваше грешките на домаќинот и сигурно чекореше кон првата победа во новата сезона во СЕХА лигата. Во последната четвртина, Металург на неколку пати дојде и до двоцифрена предност, а сигурното водство му остави простор на Червар да направи повеќе ротации во составот и да им даде шанса на сите играчи. А, Динамо во финишот на мечот успеа да ја преполови негативата и да го ублажи поразот со конечните 20-25.
Најефикасен во триумфот на Металург беа Жарко Пешевски и Божо Ангелиќ со по пет гола, а добра партија на голот на металурзи имаше Дарко Арсиќ со 15 одбрани. Кај Динамо Панчево прв стрелец со пет гола беше Јован Стојановиќ.
Следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург го игра на 10 септември на гости против Нексе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА