Во првиот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите Металург денеска (19.30 часот) во Лисабон му гостува на португалскиот шампион Спортинг. На гостувањето во Португалија, Металург отпатува со 13 ракометари во составот, во кој поради повреда ги нема двата десни бека, Мартин Велковски и Томислав Јагуриновски. На теренот се враќа Марио Танкоски, а за прв пат сезонава тренерот Данило Брестовац на располагање че ги има и средниот бек Лука Стојановиќ и пикерот Адријан Миличевиќ.
„Ќе треба да играме дисциплинирано и паметно. Принудени сме да се базираме на помал број на ракометари и од играта на секој од нив ќе зависи исходот на оваа средба. Секако дека сум оптимист, но за да се извлече добар резултат во Лисабон ќе треба да се поклопат многу коцки“ – вели Данило Брестовац пред своето деби во ЛШ како прв тренер на Металург.
Металург и Спортинг и минатата сезона играа меѓусебе во групната фаза од ЛШ. „Металурзи“ го изненадија Спортинг во Скопје, а португалскиот состав славеше на вториот меч во Лисабон. Спортинг ја има фаворитската улога и во денешниот дуел. Пред стартот на натпреварите во ЛШ, португалскиот шампион има три победи во воведните три натпревари во домашниот шампионат и пораз од Бенфика во португалскиот Супер Куп. Металург пак, стартуваше со три порази во првите три кола во регионалната СЕХА лига.
Групата Ц во ЛШ покрај Металург и Спортинг ја комплетираат Силкеборг, Бешикташ, Чеховски Медведи и Татран Прешов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА