Оливер Димитриоски од вечерва не е тренер на Металург, откако раководството на клубот реши да ја прекине соработката со овој стратег по поразот од Пролет во првото коло од плејофот.
Искусниот стручњак го водеше Металург од ноември 2020 година кога го замени Зоран Кастратовиќ на клупата на поранешниот првак. Димитриоски го предводеше тимот во исклучително тежок период, кога екипата на Металург беше преполовена поради повреди и позитивни случаи на коронавирус. „Металурзите“ имаа серија слаби резултати во Лигата на Европа што беше прекината со ремито во последното коло против Адемар Леон, но денешниот пораз од Пролет беше последната капка не незадоволство кај водечките луѓе на клубот, кои се решија да направат тренерска смена по само едно одиграно коло во плејофот.
Среќна околност за Металург е што сега ќе следи пауза за репрезентативни настапи, па ќе има доволно време за да биде ангажиран нов тренер со кој „металурзите“ ќе се обидат да се вратат на победнички патеки на домашната сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА