Два пати во пет дена Металург славеше против Еурофарм Работник , прво по полуфиналето од Купот на Македонија, а денеска и во вториот дуел од суперлигашкиот плеј – оф (29-27). Со оваа победа во решавачкиот дуел, Металург ја обезбеди вицешампионската титула на две кола пред крај на плеј-офот во македонската Супер лига во кој шампионската титула е резервирана за Вардар. „Металурзи“ сега се издвои на втората позиција со 19 бода. Еурофарм Работник останува на третото место со 13 бода. Нивниот прв дуел од плеј офот во Битола заврши без победник (27-27)
Окуражени со победата против Еурофарм Работник на нивни терен во Битола во полуфиналето од Купот на Македонија, „металурзи“ уште од старт ја презедоа иницијативата на терен и го задржаа водството до крја. По првата четвртина домаќините веќе имаа предност од 7-3. Но, Еурофарм Работник притисна и со ефикасна серија на пикерот Елмир Граџан успеа да ја анулира негативата и да изедначи на 10-10. На полувремето Металург имаше минимална предност од 13-12.
Филип Кузмановски ја отвори серијата на Металург во второто полувреме и го зголеми водството на домаќините. Кај „металузи“ добро функционираше бековската линија предводена од Кузмановски и Јагањац кои го одржуваа водтсвото на 2-3 гола разлика во второто полувреме. На спротивната страна одговорноста во нападот ја презедоа искусните Горан Кузманоски, Михајло Петровски и Дејан Пецаковски, во обид Еурофарм Работник да задржи чекор во играта. Слично како и во првото полувреме, избраниците на Илија Темелковски успеаја во финишот на натпреварот одново да дојдат на гол разлика (24-23), но не и да направат комплетен пресврт. Домаќините брзо се вратија на +3 (26-23) и со сигурна игра во финишот запишаа уште една победа против битоласкиот ривал.
Најефикасни во триумфот на Металург беа Халил Јагањац и Анте Токиќ со по седум гола, а по пет гола запишаа Филип Кузмановски и Мартин Томовски. Кај Еурофарм Работники грач број еден беше Елмир Граџан со 11 гола.
До крајот на плеј-офот на Металург му преостануваат уште дуелот со Пелистер во Битола и завршната пресметка со Вардар во Автокоманда. Додека Еурофарм Работник во последните две кола прво го пречекува Охрид, а потоа ќе му гостува на Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА