Ракометарите на Металург на свој терен во Автокоманда го победија Охрид со 29-23, во дербитото од 3.коло во суперлигашкиот плеј-оф. За „металурзи“ ова е трета победа во серија во разигрувањето за шампионската титула која им носи и лидерска позиција на табелата. Во рпетходните два дуели, Металург беше поуспешен од Вардар и од Пелистер.
Охриѓани исто така стартуваа со две победи, против Еурофарм Работник и против Борец, но во третиот меч против Металург останаа без бодови.
Актуелниот македонски вицешампион ја оправда фаворитската улога и во поголемиот дел од натпреварот беше во предност. По првото полувреме, Металург водеше со 17-13 и во продолжението го зачува ритамот и позитивата. Охрид пружи достоен отпор, но на крај избраниците на тренерот Горан Андоновски мораа да му ја честитаат победата на домаќинот.
Немања Обрадовиќ и Александар Гуглета беа најефикасни кај Металург со по пет гола, еден помалку од нив постигнаа Филип Кузмановски, Марко Нелоски и Вања Илиќ. Во гостинскиот тим, Кобетиќ постигна седум, а Кежиќ додаде шест гола. Забележителна партија на голот на Охрид имаше Благојче Трајковски со 13 одбрани.
Во следното коло од плеј-офот, Металург ќе му гостува на Борец во Велес, а Охрид го очекува дуелот со Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА