Металург на еден чекор до групите во ЕХФ-купот, европско деби на Бутел

Големото реноме што Металург го има во ракометна Европа придонесе овој клуб да се најде меѓу носителите во третата рунда од квалификациите за ЕХФ-купот.

Европската куќа на ракометот ја објави листата на учесници во второто по квалитет натпреварување, ставајќи во Металург во „одбрано друштво“, крај бундеслигашите Магдебург и Рајн-Некар Левен на нашите Кузмановски и Талески, потоа Фуске Берлин, Мелсунген, како и екипите на Нант со Кире Лазаров, Ним и на Шамбери од француското првенство. Во друштво на овие екипи и на Металург се и Силкеборг и Холстебро од Данска, Куенка и Ла Риоха од Шпанија, Гвардиола Ополе од Полска, Нексе од Хрватска и Балатонфуреди од Унгарија.

Своето деби на европската сцена ќе го има и Бутел, кој ќе стартува од втората квалификациска рунда. Во истото друштво е и Пелистер, но големи се шансите Бутел сам да стартува во второто коло бидејќи „пелистерци“ најверојатно во текот на летото ќе ја комплетираат фузијата со вицешампионот Работник, кој ќе учествува во Лигата на шампионите. Покрај Бутел и Пелистер, директно учество во втората рунда имаат и екипите: Горњик (Полска), Горење (Словенија), Темишвар (Романија), Вакер Тун (Швајцарија), Хапоел Ашдод (Израел), СКА Минск (Белорусија), Арендал (Норвешка), Селфос (Исланд), Скјерн (Данска), Адемар Леон (Шпанија), Аикс (Франција), Бенфика (Португалија), Чургои (Унгарија) и Азоти (Полска).

Се вчитува...