Металург претрпе уште еден пораз во рамките од Лигата на Европа, откако поранешниот македонски првак вечерва загуби на гостувањето против Чеховски медведи со убедливи 40-27. „Металурзите“ се соочуваат со огромни проблеми со повреди и со коронавирус, поради што отпатуваа за Русија со само 11 ракометари, па убедливиот пораз беше неизбежен.
Мечот беше израмнет само во првите седум-осум минути, период во кој резултатот беше израмнет на 3-3. Потоа следеше фурија на домашните ракометари, кои со брза игра го декласираа македонскиот состав. Иако составот на Металург беше крајно лимитиран, тренерот Димитриоски никако не смее да биде задоволен од незалагањето пред се при враќањето назад во одбрана, со што „металурзите“ им дозволија на противниците бројни лесни погодоци.
Првото двоцифрено водство на рускиот претставник беше во 21. минута, кога Русите погодија за 17-7. На одмор се замина со водство на Чеховски Медведи од 22-11, а на голот на Металург во второто полувреме застана Ѓорѓески, на местото на Дупјачанец кој во првиот дел имаше три интервенции откако беше оставен „на стрелиште“ од соиграчите. Вторите 30 минути минаа во опуштена игра од двете страни, при што домаќините рутински го контролираа резултатот, привршувајќи го мечот до конечните 40-27.
Хорват, Поповиќ и Рниќ постигнаа по шест погодоци за Металург, а пет погодоци постигна младиот пивот Митиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА