Ракометарите на Металург на гостувањето во Словенија, загубија од Целје со 34-25, во натпреварот од 9.коло во регионалната СЕХА лига. За „металурзи“ ова е шести пораз во регионалното натпреварување по кој остануваат на 7.место на табелата.Почетокот не ветуваше ништо добро за избраниците на тренерот Александар Јовиќ. Металург во првите седум минути беше без погодок, а Целје почетно водство од 4-0. Кончено, неефикасната серија на „металурзи“ ја прекина Костадин Петров постигнувајќи го првиот гол во осмата минута од натпреварот. По почетниот шок, Металург фати ритам, два пати по ред прецизен беше Халил Јагањац, а Марио Танкоски намали на еден гол негатива (5-4) на средината од првиот дел. Хрватскиот бек и пикерите Петров и Пешевски го држеа Металург во игра во наредните минути.Но, домаќините повторно врзаа три гола во серија и успеаја да се одлепат поведувајќи со 8-4, а на четири минути пред крај на првиот дел стигнаа и до највисоки +5 (14-9). Во финишот на првиот дел „металурзи“ со двата погодоци на Пешевски и со завршниот гол на Филип Кузмановски ја намалија негативата на 15-12.За разлика од несигурниот почеток во првиот дел, во второто полувреме донесе многу поефикасна игра на Металург. Со трите гола во серија, „металурзи“ во 35.минута дојдоа до прво изедначување (16-16). И потворно, тука застанаа, а домаќините брзо се вратија во водство, одново беа супериорни на терен и ја обезбедија победата. За осум минути Целје направи серија од 7-1 и на стартот од последната четвртина веќе имаа предност од 23-17. Тоа беше и решавачкиот момент во кој практично и беше решен победникот. Словенечкиот тим ја потврди фаворитската улога и на крај славеше убедлива победа, а Металург и во овој дуел немаше доволно сили посебно во завршницата, за да го избегне поразот.Халил Јагањац го предводеше нападот на Металург со осум погодоци, Жарко Пешевски постигна седум, а Костадин Петров заврши со четири гола. Мартин Томовски запиша осум одбрани на голот на Металург. Тилен Кодрин беше најефикасен во составот на Целје со 10 гола, а сигурна партија на голот на домаќините имаше Урбан Лесјак со 19 одбрани.Во следното коло во СЕХА лигата, в сабота, Металург му гостува на Вардар во СЦ „Јане Сандански“ во второто македонско дерби сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА