Металург падна во финишот и загуби од Горење

Металург  го запиша третиот пораз во регионалната СЕХА лига. Во натпреварот од 6.коло, „металурзи“ на домашен терен загубија со Горење со 24-29. За словенечкиот тим кој во Скопје допатува некомплетен без Алем Тоскиќ и без Матјаж Брумен , ова беше втор пораз во СЕХА лигата сезонава. Во некомплетен состав беше и македонскиот шампион кој настапува без капитенот Филип Кузмановски, а во отсуство на Лино Червар, тимот од клупата го предводи Александар Јовиќ. Металурзи не го издржаа притисокот до крај, неколку пати се враќаа во мечот, но во финишот Горење одихгра посигурно, поефикасно и заслужено стигна до победа.

Горење наметна ритам на стратот од натпреварот и во поголемиот дел од првото полувреме беше во позитива, на неколку пати и со три гола разлика (3-6, 6-9). Но, „металурзи“ не се предаваа и со мини серија од 3-1, на две минути пред крај на полувремето изедначија на 12-12. Сепак во финишот Словенците беа поефикасни и на одмор заминаа со предност од 14-16.

GIL_9715_original

Упорноста на „металурзи“ и офанзивата на почетокот од второто полувреме и го донесе посакуваниот резултат. Домаќините постигнаа четири гола во серија и по шест минути игра го презедоа водството со 18-16. Јовиќ се обиде да го сврти мечот форсирајќи игра седум на шест, но тоа носеше и ризик на неколку лесно примени голови на празен гол што одново го врати Горење во игра и во ново водство со 18-19. Во наредните минути двете екипи се сменуваа во водство, а натпреварот доби на интензитет, со остри дуели, но и со серија грешки и промашувања на двете страни.

Неколку врзани одбрани на Дарко Арсиќ го држеа Металург во игра во средината на второто полувреме кога неколку минути резултатот на семафорот беше непроменет (22-22). Серијата конеќно ја прекина Божо Анѓелиќ за ново водство на „металурзи“. Домаќините не искористија две шанси да дојдат на +2, а Горење казни со три гола во серија и на осум минути пред крај одново го презедоа водството поведувајќи со 23-25. Тоа го натера Јовиќ да реагира со тајм-аут и да се обиде да го врати Металург во ритам. Но, домаќините тешко успеваа да дојдат до реализација покрај расположениот Клемент Ферлин на голот на Горење. Несигурноста во нападот на „металурзи“ и неколку лесно загубени топки, им оставија простор на избраниците на Жељко Бабиќ да го зацврстат водството и со сигурен финиш да ги однесат бодовите од гостувањето во Скопје со триумф од  24-29.

GIL_9758_original

Најефикасен кај Металург беше Халил Јагањац со шест гола. По четири погодоци постигнаа Димитар Димитриоски и Божо Анѓелиќ, а Дарко Арсиќ заврши со седум одбрани на голот на Металург. Кај Горење прв стрелец беше Грегор Поточник со пет гола, а значаен придонес во триумфот имаше и голманот Ферлин со 10 одбрани.

Следниот натпревар во регионалната СЕХА лига, за Металург е на 15 ноември кога му гостува на Мешков Брест.

Се вчитува...