Тренерот Оливер Димитриоски денеска го одржа првиот тренинг со Металург во 2021 година, означувајќи го стартот на подготовките за вториот дел од сезоната. Стратегот на „металурзите“ немаше на располагање шестмина ракометари, Тарабокија, Канкараш и Додиќ добија дополнителни неколку дена одмор по завршувањето на нивните репрезентативни обврски, додека Хорват ќе отсуствува до крајот на јануари, бидејќи со својата репрезентација е дел од СП во Египет. Денеска ги немаше и Лазаревски и Серафимов, кои се подготвуваат со македонската репрезентација.
Во наредниот период Металург ќе ја бруси својата форма и ќе се подготвува за претстојните предизвици во Лига Европа, во плејофот од домашното првенство и во Купот на Македонија.
Првата официјална обврска на Металург за втората полусезона е на 9 февруари, кога дома ќе ја пречека екипата на Феникс Тулуз. Покрај оваа, во февруари поранешниот македонски првак го очекуваат уште две средби од групната фаза на Лига Европа, со екипите на Висла Плоцк и на Фиверс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА