Металург останува во победничка серија во суперлигашкиот плеј-оф и по гостувањето во Битола. По стартниуот триумф над Вардар, „металурзи“ славеа победа против Пелистер со 27-31, во вториот натпревар од плеј-офот во ракометната Супер лига. На гостувањето против Пелистер, на клупата на Металург го немаше тренерот Лино Червар, а во негово отсуство, тимот од Автокоманда го водеше помошниот тренер Александар Јовиќ. Но, „металурзи“ и без Червар на клупата успеаја да направат пресврт во последната четвртина во дуелот со Пелистер и да ја обезбедат втората победа во суперлигашкиот плеј-оф.
За битолскиот тим ова е прв пораз во плеј-офот, по победата против Борец на гостувањето во Велес. Во погоелмиот дел од мечот, избраниците на тренерот Касим Каменица беа во водство, но во финишот не издржаа, загубија ритам и му дозволија на Металург да направи пресврт и да се избори за победа.
Битолчани сигурно го отворија натпреварот и по првите шест минути игра имаа водство од 4-1. Домашниот тим играше на сигурно и ја одржуваше позитивата во поголемиот дел од првото полувреме. Металург и со седум играчи во напад тешко се справуваше со одбраната на Пелистер и постојано бркаше резултат. На неколку пати Металург напаѓаше за изедначување, но Даниловски беше сигурен на голот на Пелистер. Конечно, во 22.минута Немања Обрадовиќ погоди за 10-10.
Но, Пелистер брзо се врати во водство. Митревски го искористи празниот гол на гостите и одново го однесе Пелистер на +2 на пет минути пред крај на првиот дел (13-11). Металург сепак, не подлегна на притисокот и Гуглета на една минута пред крај донесе ново изедначување, погодувајќи за 14-14. Во последната минута од првиот дел „паднаа“ уште три гола, а Пелистер на крај на одмор замина со гол предност (16-15).
Обрадовиќ го постигна последниот гол за Металург во првиот дел, а потоа беше прецизен и на стартот на второто за ново изедначување на 16-16. И тука застанаа „сините“ од Автокоманда. Лошата серија на Металург, Пелистер знаеше ефикасно да ја казни, домаќините направија серија од 3-0 и со погодокот на Реваз Чантурија поведоа со 19-16. Тоа го принуди Александар Јовиќ да побара тајм-аут и да се обиде да ја консолидира играта на Металург. „Металурзи“ постигнаа два гола вио серија, а шансата за ново изедначување не ја искористи Вања Илиќ кој од седум метри биеше над голот на Пелистер. На спротивната страна казни Николиќ , па наместо Металург да дојде до изендачување со играч повеќе на терен, прими гол и во 40.минута повторно беше на два гола негатива (20-18).
Но, по офанзивата на Пелистер, одново следуваа минути на „металурзи“ кои на стартот од последната четвртина дојдоа и до првото водство со погодокот на Немања Обрадовиќ за 21-22, а во следниот напад, српскиот бек одново беше прецизен и го зголеми водството на Металург на 21-23. Сепак, ни тука не беше решен мечот. Нова неизвесност во натпреварот донесе пикерот на Пелистер, Димитровски со погодокот за ново изнедачување на на 23-23 на десет минути пред крај, а потоа и на 25-25.
Одбраната на Дарко Арсиќ му отвори нова можност на Металург кој со четири гола во серија направи комплетен пресврт, дојде на на највисоки четири гола предност ( 25-29) на шест минути пред крај и конечно го скрши отпорот на домаќините, на крајот славејќи победа со конечните 27-31.
Немања Обрадовиќ одново беше прв стрелец на натпреварот со 10 гола, Жарко Пешевски додаде шест, а Филип Кузмановски беше стрелец на четири гола за Металург. Во составот на Пелистер најефикасни беа Васко Димитровски со осум гола и Реваз Чантурија со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА