Официјално се уште актуелниот тренер на Металург, Лино Червар, нема да биде на утрешната прес-конференција, а нема да биде ни на неделниот натпревар на „металурзи“ во СЕХА лигата против Војводина, со кој го почнуваат вториот дел од сезоната.
„Лино Червар нема да биде на прес-конференцијата. Но, други официјални информации врзани со неговото враќање во Металург, нема“ – е единствената информација од Металург.
Подготовки на Металург за втората полусезона ги водеа Александар Јовиќ и Петар Мисовски, а многу веројатно, двајцата тренери ќе ги предводат „металурзи“ од клупата и на преостанатите натпревари во СЕХА лигата и во плеј-офот во домашната Супер лига. Од клубот засега нема офцијална информација кога и дали воопшто ќе се врати Лино Червар на клупата на Металург по завршувањето на неговиот селекторски ангажман во репрезентацијата на Хрватска.
Червар го нема во Металург уште од октомври кога клупата во Автокоманда времено му ја препушти на својот помошник Александар Јовиќ, а тој се посвети на подготовките со хрватската репрезентација за настапот на ЕП. По завршувањето на ЕП, на кое Хрватска предводена од Червар заврши на 5.место и не ги оправда очекувањата и најавите за освојување на европската титула, хрватскиот стратег најви дека можеби е време да ја заврши својата ракометна одисеја во активниот тренерски дел.
Червар кој е на 67-годишна возраст за тамошните медиуми по ЕП изјави дека „ќе земе“ неколку дена одмор, а потоа ќе одлучи дали ќе замине во пензија или ќе остане во ракометот, а патем ќе реши и за враќањето во Металург. Тој најави повлекување и од селекторската функција во хрватската репрезентација која секако му беше со едногодишна важност, наменски за настапот на ЕП на кое беа домаќини. Но, според последните најави од Хрватска, не е исклучено Червар сепак, да остане „изборник“ и да ја предводи хрватската репрезентација во јунскиот бараж за СП 2019 против Црна Гора, а потоа да се бара негов наследник.
Се дотогаш останува отворено и прашањето со заминувањето или останокот на Червар на клупата на Металург. Во меѓувреме продолжува и неизвесноста во клубот од Автокоманда кој на полусезоната остана без четири ракометари (Дарко Арсиќ, Божо Анѓелиќ, Костадин Петров и Дарко Димитриевски), а во најава се уште неколку заминувања како резултат на кризата во клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА