Металург им се враќа на обврските во ракометната Лига на Европа. Тие вечерва на домашен терен го пречекуваат австрискиот Фајверс во третиот меч сезонава во новото натпреварување на ЕХФ. Крилото на „металурзите“, Златко Хорват вели дека Фајверс е добар тим и доколку сакаат победа ќе мора да ја спречат брзата транзиција на тимот.
„По два карантиина веднаш почнавме со силен ритам, играме секој втор ден натпревар. Фајверс е една добро составена екипа. Трчаат многу сите 60 минути и тоа е нивната најсилна страна. Ние ако успееме тоа да го исконтролираме и не им дозволиме лесни погодоци тогаш мислам дека можеме да очекуваме бодови, ако не тогаш тие ќе не надиграат. После сè ова навистина е тешко да се предвиди што би се случило. Ние поради оваа ситуација не можевме ниту нормално да тренираме ниту да играме ниту пак да се воиграме. Ќе видиме што ќе биде. Најважно е секој да го даде својот максимум, кој колку може, па ако тоа биде доволно за победа, ќе биде супер“, вели Хорват.
Хрватското крило додава дека ако се на највисоко ниво може да се стигне до победа, но тешко е бидејќи карантинот премногу им влијаеше.
„Сигурно дека можеме да победиме ако бидеме на највисоко ниво, но сега тоа е навистина тешко да го изреализираме, како што реков, поради тие два карантини за месец и половина. Тоа навистина е голем проблем, но таква е ситуацијата, мораше да го поминеме и тоа. Се надевам дека успеавме да фатиме каков таков ритам во овие неколку дена и што подобро да се подготвиме за нив“, изјави Хорват.
Натпреварот меѓу Металург и Фајверс ќе се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 18:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА