Во последниот натпревар на домашен терен, а претпоследен настап во Лигата на шампионите сезонава, ракометниот вицепрвак на Македонија, Металург го пречекува фаворитот во групата „Ц“, тимот на Силкеборг (17.30 часот). Во првиот меч, на гостувањето кај лидерот во групата, Металург загуби со осум голови разлика (33-25).
Сепак, и тренерот Данило Брестовац, но и ракометарите се оптимисти дека можат да ја искористат шансата што им ја отвора нептовареноста со резултатски и бодовен имератив со оглед дека нашиот тим одамна е надвор од конкуренција за повеќе од дното на табелата.
„Очекувам добар натпревар, добро ги анализираме и мислам дека можеме да им парираме, имаме и ротација да го направиме тоа. Таму се држевме 40-на минути, имаше некои чудни ситуации на тој натпревар, на кој и денеска се смеам. Но, не би се навраќал повеќе на тоа. Си ги гледаме нашите грешки, гледаме да напредуваме и се надевам сите што ќе дојдат ќе уживаат во натпреварот. На секој натпревар се обидувам да влијаам на играчите да одиме на победа. Јас се обидувам да наметнам победнички менталитет. Знам дека сме далеку од нив, но, за мене успех е победа“ – вели Брестовац во пресрет на натпреварот.
Металург има само една победа во досегашните осум натпревари од Лигата на шампионите. Во претходното коло загуби од Бешикташ. Силкеборг пак доаѓа по поразот во минатото коло од Татран Прешов. Данскиот тим има биланс од шест победи и само два неуспеси и ја преводи табелата во оваа конкуренција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА