Металург одигра нерешено 33-33 против австрискиот Фајверс, во третиот натпревар од годинашното издание во Лигата на Европа. Израмнет натпревар во кој и двата тима имаа свои добри делови, но и големи падови, по што ремито на крајот изгледа како најрерален исход.
Гостите подобро го отворија мечот и веќе по три минути играа имаа позитива од 0-3. По лошиот старт „металурзите“ заиграа подобро и во седмата минута успеаја да се доближат на минус еден (4-5). Со два гола во низа Фајверс повторно стигна до плус три (4-7), а веќе во 12. минута имаа и четири плус (6-10), по кои тренерот Димитриоски мораше да го побара првиот тајм-аут.
Очигледно едно минутната пауза беше недоволна за домаќините бидејќи продолжи очајната игра, а Фајверс со брза завршница во нападот стигна и до плус пет (7-12). Металург во продолжението конечно ја најде својата игра и успеа да намали на (13-16), по што и гостинскиот тренер мораше да го искористи првиот тајм-аут. Ниту тајмаутот не ги поколеба избраниците на Димитриоски кои продолжија со добрата игра и преку контри и полуконтри стигнаа на минус два 15-17. До крајот на полувремето попушти концентрацијата по што гостите на пауза заминаа со предност од 16-19, а во последниот напад следеше и мал инцидент во кога по еден судар Канкараш влезе во конфронтација со голманот на гостите Волфганг Филцвизер, по што пикерот доби исклучување.
Ракометарите на Металург како препородени го стартуваа втроиот дел. Со одлична игра и на крилата на Мартин Серафимов во 35. минута успеаја за првпат да стигнат до израмнување (20-20), а веќе во следниот напад преку Момир Рниќ и до првото водство (21-20). Тоа што беше Серафимов во нападот тоа беше Ѓоргески на голот на Металург кој во 40. минута стигна и до три гола разлика (23-20), по што гостинскиот тренер мораше да го побара и вториот тајм-аут на натпреварот.
Несфатливо е зошто Димитриоски го седна на клупа најдобриот свој играч Серафимов, што донесе нов пад во играта на домаќините, а гостите од Австрија на 11. минути до крајот на мечот стигнаа до израмнување 29-29. Со враќањето на Серафимов во игра „металурзите“ повторно заиграа далеку подобро и на шест минути до крајот дојдоа до нова предност од два гола (31-29), по што следеше и третиот последен тајм аут на гостинскиот тренер.
По тајм-аутот Австријците излегоа како препородени. Направија серија од 4-0 и на две минути до крајот имаа водство од 31-33. Следуваа два врзани гола на Канкараш по што во последните 20 секунди се влезе со нерешено 33-33. Гостите не го искористија последниот напад, по што Металург го освои првиот бод во годинашната сезона.
Серафимов и Хорват со по седум гола беа најефикасни во таборот на тимот од Автокоманда, додека кај гостите Ерик Дамбок одигра неверојатен натпревар постигнувајќи 11 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА