Металург се исплаши од победата, Вардар славеше во мак-дербито во СЕХА

Вардар триумфираше со минимални 26-27 на гостувањето против Металург, во македонското дерби во СЕХА-лигата кое донесе големи возбудувања, но не и изненадување кога станува збор за конечниот исход. „Металурзите“ имаат за што да жалат ако се знае дека долго време беа не само достоен, туку и подобар ривал, во второто полувреме имаа и четири гола предност, но на крајот пресуди искуството на „црвено-црните“, кои и без помошта на неколку стандардни ракометари сепак стигнаа до цел плен во СЦ „Борис Трајковски“.

Почетокот на натпреварот најави лесна победа на Вардар, откако актуелниот првак набрзина поведе со 4-8. Младиот голман Кизиќ бранеше одлично во почетните минути, и нападот фунционираше беспрекорно, но потоа ситуацијата на теренот се промени. Металург доби на сигурност во нападот, со голот на Јагуриновски во 21. минута израмни на 9-9, за тимот на Данило Брестовац во финишот од полувремето и да го сврти резултатот во своја полза. Голманот Даниловски, кој во меѓувреме го замени Томовски, влезе во серија на добри интервенции, „вардарци“ станаа се побрзоплети во нападот, а домашниот тим го искористи тоа и со голот на Токиќ во последната минута од полувремето на одмор замина со педност од 13-11.

Охрабрени од ваквиот финиш на полувремето, „металурзите“ влегоа подобро и во вториот дел, експресно поведувајќи со 16-12. Јасно беше дека „вардарци“ не можат предолго да бидат „во сон“, а штом се разбудија избраниците на Парондо почнаа да ја намалуваат предноста на противникот, успевајќи да израмнат на девет минути пред крајот со пеналот на Чупиќ (21-21). Шпенде донесе водство на Металург од 23-22, но потоа следеа три гола во низа на Вардар (Чупиќ од пенал, Криштопанс и Дисингер), за водство на гостите од 23-25 на пет минути до крајот.

Домаќините покажаа карактер и ексспресно израмнија на 25-25, Вардар влезе во последната минута со предност од 26-27, а откако Дисингер почетнички погреши Брестовац побара тајмаут за детални совети при последниот напад на „металурзите“. Шпенде ја презеде одговорноста, но биеше непрецизно, па Вардар на крајот славеше минимална победа на ова македонското дерби во СЕХА-лигата.

Кизиќ беше одличен на голот на Вардар со 14 одбрани, а во нападот најефикасни беа Чупиќ, Дисингер и Криштопанс со по пет погодоци. Кај Металург најефиикасен беше Шпенде со шест гола, но и дури осум промашувања, вклучувајќи го и она при последниот шут на натпреварот.

Се вчитува...