Металург тоне во дупка без дно – пораз и од Тиквеш

Металург тоне во незапамтена криза откако поранешниот првак во четвртото коло од Супер-лигата го претрпе и четвртиот пораз на домашната ракометна сцена. По Пролет, Прилеп и Еурофарм Пелистер 2, скалпот на „металурзите“ денеска го земаа и ракометарите на Тиквеш, кои денеска по голема битка славеа на домашен терен во Кавадарци со резултат 21-19. Гостинскиот тим постиггна само шест гола во второто полувреме, што беше главна причина за поразот.

Металург беше подобар противник во првото полувреме, избраниците на тренерот Марковски поведоа со 5-10, но потоа падот на концентрацијата пред крајот на полувремето придонесе Тиквеш да фати резултатски приклучок, намалувајќи на 11-13. Тиквеш заигра далеку подобро во одбраната во вториот дел, затворајќи ги приодите кон сопствениот гол. „Металурзите“ го контролираа резултатот се до завршните десетина минути, кога кавадарчани собраа сили за пресврт и предводени од Јанчев стигнаа до победа изразена со конечни 21-19.

Јане Јанчев беше прв стрелец на победничкиот тим со девет гол, екс-металургот Кондев постигна пет погодоци, додека најефикасни во поразениот тим беа Каковски и Петковски со по пет погодоци.

Се вчитува...