Со деулот против Спортинг во Лисабон, вечерва со почеток во 21 часот, Металург го завршува настапот во Лигата на шампионите за оваа сезона. Разврската во групата Д од ЛШ е веќе одамна позната исто како и фактот дека на Монпелје и Мотор Запорожје се екипите што ќе завршат на првите две позиции во групата Д и ќе го продолжат настапот во нокаут-фазата за место во осминафиналето од ЛШ. Останатите четири екипи, меѓу кои е и македонскиот вицешемапион, викендов ги играат завршните натпревари.
Металург има лоша серија од пет порази по ред во последните пет кола од групната фаза во Лигата на шампионите. Пред заминувањето за Лисабон избраниците на тренерот Александар Јовиќ славеа минимална победа (31-30) против Татран Прешов во регионалната СЕХА лига што може да биде позитивен стимул за подигнување на самодовербата кај „металурзи“ пред денешниот последен дуел со Спортинг. Во прилог им оди и фактот што во Скопје најдоа решение за португалскиот тим и токму протув Спортинг ја запишаа првата од вкупните две победи во ЛШ сезонава (28-27).
Во португалскиот тим се надеваат дека вечерва ќе се реваншираат за поразот во Скопје и ќе го завршат настапот во ЛШ со победа пред својата публика.
„Сезонава имавме некои неочекувани порази, но имаме намера да ја завршиме сеозната на надобар можен начин – со победа пред нашите фанови. Тоа ќе биде најдобар начин да се заблагодариме за поддршката што ни ја даваа нашите навивачи во Лигата на шампионите“ – порача десното крило на Спортинг, Педро Портела.
По девет одиграни натпревари во групата Д од ЛШ, Металург е на 6.место на табелата со пет бода од две победи едно реми и шест порази . Спортинг е едно погоре со бод повеќе и со вкупен скор од три победи и шест порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА