Металург в недела на домашен терен против Војводина го почнува пролетниот дел од сезоната во регионалната СЕХА лига. Без четворица ракометари кои на полусезоната си заминаа од Автокоманда и се уште на неопределено, без Лино Червар на клупата, македонскиот вицешампион во продолжението на сезоната ќе се потпре главно на младинскиот погон во тимот. Во отсуство на Червар кој, како што информираат од клубот, во наредните десетина дена, треба да одлучи дали ќе се врати во Металург или ќе остане во Хрватска, тимот на претстојните натпревари од клупата ќе го предводи Александар Јовиќ. Тој верува во младинскиот потенција што го има во составот, а изрази надеж и дека ќе има и позитивна разрешница на кризата што веќе подолго време е присутна во тимот од Автокоманда.
„Имаме 11 младински репрезентативци и ред е тие да си ја добијат својата шанса и да покажат што знаат. Сега имаме убедливо најмлада екипа во СЕХА, но јас сум убеден дека и во овој состав имаме квалитет и дека младиве играчи имаат потенцијал. Исто така верувам и дека нашиот спонзор Минчо Јорданов, ќе најде решение и Металург конечно ќе излезе од кризата која што трае веќе извесно време“ – изјави Јовиќ на прес-конференцијата во пресрет на неделниот натпревар со Војводина.
На полусезоната од Металург си заминаа голманот Дарко Арсиќ, бековите Божо Анѓелиќ и Дарко Димитриевски и пикерот Костадин Петров. Во новиот редуциран состав, Металург ќе се обиде да и се спротивстави на Војводина која исто така се соочуваше со промени во текот на сезоната, а во есенскиот дел остана на последното место на табелата во СЕХА.
„Ова е дерби од долниот дел на табелата во СЕХА. Не чека исклучително тежок натпревар по подолгата пауза во настапите. Војводина има нов тренер во Касим каменица кој добро ја познава нашата екипа. Мислам дека добро ќе се подготват и ќе сакаат да ги освојат бодовите во Скопје. Меѓутоа, и ние тренираме одлично во овој период и убеден сум дека сите играчи ќе дадат максимум на натпреварот“ – вели Александар Јовиќ.
Металург есенскиот дел во СЕХА го заврши на 7.место на табелата со 13 бода од 12 одиграни натпревари во кои забележа четири победи, едно реми и седум порази. Војводина е последна со две победи и 10 порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА