Пелистер се пласираше во полуфиналето од домашниот плеј-оф откако забележа победа и во третиот четвртфинален натпревар против Еуро Никел. По двете победи во Битола, избраниците на Радуловиќ направија „брејк“ и во Кавадарци славејќи со 69-79 за нова „метла“ во разигрувањето за титула.
Во изедначеното темпо на отварањето на натпреварот Пелистер благодарение на скоковите во напад беше оној кој успеа да направи преднсот од два напада во 10. минути игра (15-20). Ритамот на „зелено-белите“ продолжи и до крајот на полувреме со тоа што серијата од 11-0 го донесе и првото двоцифрено водство (19-31) за избраниците на Радуловиќ, предност која беше задржана и на полувремето за 30-42.
Пелистер зголеми на +14 (30-44) на самото отварање на второто полувреме, но следеше период во кој доминираа домаќините. Еуро Никел брзо ја стопи предноста на гостите и со серија од 15-1 стигна до изедначување (45-45), но битолчани одолеаја на налетот, ја стабилизираа играта на двата дела од теренот и ја вратија комотната предност (53-62) пред одлучувачките десет минути. Во нив „зелено-белите“ одново доминираа, ја вратија двоцифрената предност и овој пат не ја испуштија заверувајќи го пласманот меѓу најдобрите четири екипи.
Со 17 поени и 5 асистенции лидер на Еуро Никел беше Џексон Дубински, додека на спротивната страна за Пелистер 19 поени и 7 скокови релизираше Јуре Планиниќ.
Со полуфиналето Пелистер го очекува серија против Работнички кој пак вчеравечер го завери пласманот во следната фаза со триумф против Феникс 2010. Предноста од домашен терен во оваа серија ќе ја имаат „црвено-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА