Борец ја имаше најуспешната полусезона во Првата македонска фудбалска лига во историјата на клубот. Велешани есенскиот дел од шампионатот го завршија на одличната петта позиција на првенствената табела, за што без сомнение огромен дел од заслугата оди и зад името на стратегот на клубот, Горазд Михаилов.
Михаилов, низ една кратка анализа за првиот дел од шампионатот, вели дека е задоволен од прикажаното и покрај тоа што според него тимот можел да освои уште некој бод.
„Генерално сум задоволен од есенскиот дел на сезоната. Борец никогаш не бил петтопласиран по првиот дел од сезоната во ПМФЛ. Направивме историски успех. Фудбалерите го дадоа својот максимум. Ние сме тим кој што е доста неискусен. Имаме доста млади фудбалери кои немаат многу натпревари во елитата. Можеби некои натпревари можевме да освоиме и повеќе бодови, но генерално мора да бидеме задоволни од тоа што го прикажавме досега“, вели Михаилов за ЕКИПА.
Сепак, за вториот дел од сезоната кој стартува во февруари, Михаилов смета дека мора да има подобра судиска арбитража и никако не смее да се повтори последното коло од есенскиот дел.
„Во неколку натпревари бевме директно оштетени како клуб. Тука мора да го спомнам мечот со Шкендија во кој судиите буквално не уништија. Исто така доколку македонскиот фудбал напредува не смее да се дозволи да се повтори последното коло од есенскиот дел. На крајот излегува дека само Борец и Работнички одиграа фер натпревар. Мора сето тоа да се поправи доколку сакаме фудбалот во нашата земја да оди напред“, вели Михаилов.
Во првиот меч од вториот дел од сезоната кој почнува на 14. февруари Борец во Велес ќе ја пречека екипата на Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА