Михаилов: Петрокуб е фаворит, но и ние сакаме што подолго европско лето

Шефот на стручниот штаб на Силекс, Горазд Михаилов вели дека неговиот тим е максимално подготвен за европскиот предизвик кој го очекува утре во УЕФА Конференциската лига.

Силекс утре од 16 часот на стадионот „Петар Милошевски“ на тренинг центарот на ФФМ ќе го пречека молдавски Петрокуб во првиот натпревар од првото квалификациско коло. Противникот е фаворит во оваа пресметка, посебно ако се знае дека Силекс има комплетно реконструиран тим, но Михаилов потенцира дека никој во неговиот состав не планира предвремено предавање. Напротив…

„Силекс оваа гoдина пред себе има цел да се врати во Првата лига, но и да има подолго европско лето. Нашиот противник Петрокуб е квалитетен тим кој четири сезони игра во ист состав со еден до двајца сега нови играчи. Оваа екипа последните сезони е сериозен конкурент на првакот Шериф и за шампионската титула. Станува збор за висока екипа и ќе мора да внимаваме на прекини“ – истакна Михаилов на денешната прес-конференција пред утрешниот меч.

Стратегот на кратовци вели дека, има промени во составот во однос на претходната сезона, но секој поединец е подготвен да го демонстрира својот квалитет на терен.

„Свесни сме дека Петрокуб ја носи фаворитската улога, но добро е анализиран противникот. Неопходно ќе биде максимално издание ако сакаме позитивен резултат. Во секој случај верувам дека патникот во следното коло ќе се одлучува по 180 минути“ – вели Михаилов.

Спортскиот директор на Силекс, Стевица Ристиќ истакна дека сега во Кратово се подготвува еден нов тим кој набрзо повторно треба да го врати сиот сјај на поранешниот македонски шампион.

Се вчитува...