Михајловиќ ја отвори душата: Болеста прави да ја разберете суштината на животот

Синиша Михајловиќ повторно излезе како победник од борбата со тешката болест откако српскиот стратег ја победи леукемијата со новите третмани во клиниката во Болоња поради кои извесен период воопшто не го водеше својот тим. Најважно од се сепак е што Михајловиќ се чувствува здрав, тој во последните денови ги водеше тренинзите на тимот, а се очекува денеска против Венеција да ги поздрави навивачите на стадионот „Ренато Дал Ара“.

На прес-конференцијата пред овој натпревар Михајловиќ најпрвин се пошегува со новинарите, а потоа во сериозен тон говореше за новото искуство со болеста.

„И вие мене ми недостигавте, вие сте нужно зло. Кога во животот ќе ви се случат некои работи, ќе увидите колку ви недостигаат некои работи за кои никогаш не сте помислиле дека ќе ви фалат… како на пример вие на мене“, со насмевка го почна своето излагање Михајловиќ, па продолжи:

„Вториот пат беше многу потешко, пред се да го издржам целиот процес од ментален аспект. Поради коронавирусот морав да бидам сам во собата, само еден ден ме пуштија да ја видам сопругата на три часа. Од првиот момент кога влегов во болницата, цел ми беше што поскоро да излезам. Сега таму се чувствувам како домаќин, можам да им бидам водич ако побараат од мене. Искрено, кога ми стана јасно дека по 30 дена повторно ќе се вратам на фудбалот, чувството беше фантастично. Здравјето прави да уживате во животот, но болеста ве тера да ја разберете неговата суштина“, прокоментира Синиша Михаловиќ.

Се вчитува...