Михајловски: Вардар да не се користи за „реклама“ на играчи

Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, категорично ги отфрли гласините дека „црвено-црните“ се блиску го потпишување на договор со Пабло Симонет. Шпанските медиуми шпекулираа дека аргентинскиот бек е многу блиску до потпис со Вардар, но Михајловски предупредува дека станува збор само за обид за „рекламирање“ на ракометарите.

„Да бидам искрен, не ми се допаѓа што Вардар почна да се користи за рекламирање на ракометари. Видете го примерот со Симонет, тој ни беше понуден преку неговиот агент, а веднаш потоа и протурена информација преку шпански новинари дека сме биле пред потпис. Вистината е дека ние никогаш не сме ја разгледувале оваа опција, Симонет не е опција за Вардар ниту квалитет за нашиот клуб, да стануваше збор за неговиот брат, кој игра во Монпелје, сигурно ќе бевме заинтересирани, но не и за овој аргентински ракометар“, вели Михајловски.

Уште едно име што во последниот период интензивно се поврзува со Вардар е македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски.

„Го прочитав и тоа, дека Георгиевски е договорен и дека ќе дојде во Вардар. Тој ќе дојде во Вардар кога јас ќе кажам така, вистината е дека имаме контактирано, но не и дека сме се договориле. Не велам дека не е можно тој да ни се приклучи за новата сезона, но засега немаме договор за такво нешто“, открива претседателот на Вардар.

Се вчитува...