ЕКИПА во Брест,
Томас Ѓоргиевски
Претседателот на СЕХА лигата, Михајло Михајловски на денешната прес-конференција истакна само пофални зборови за организацијата на завршниот турнир што се одржува во Брест, Белорусија. Михајловски посочи дека домаќините се потрудија на сите гости да им биде удобно, да се чувствуваат како дома. Исто така, тој им го честиташе петнаесеттиот роденден на ракометниот клуб Мешков Брест, кои од еден мал тим станаа дел од ракометната европска елита.
„Пред се, сакам да се заблагодарам на градот Брест и Белорусија, кои направија се да ние се чувствуваме удобно, како да сме дома. Овој шести Ф4 според големината на клубовите е најквалитетен досега, подобар дури и од минатата година во Вараждин, кој досега се сметавме за совршен. Исто така сакам да им се заблагодарам на канцеларијата на СЕХА и ЕХФ, кои се потрудија оваа завршница да изгледа фантастично. На овој Ф4 по втор пат ќе играат истите четири екипи кои играа минатата година. Тоа докажува дека оваа лига станува се поквалитетна од година во година. Идеал ни беше да го постигнеме нивото на квалитет како Бундеслигата, но сега тоа е веќе реалност. Имаме четири екипи кои се во најдобрите осум во Лигата на Шампиони. Вистинско освежување беше и учеството на двете словенечки екипи кои за прв пат годинава настапија во лигата. Тоа е уште една потврда колку се развиваме и до кое ниво стигнавме. На светското првенство во Франција учествуваа пет држави и 59 ракометари кои играат и во оваа лига. Мислам дека повеќе не треба да се докажуваме колку има квалитет. Сега сите зборуваат дека СЕХА лигата е елитна“ – изјави претседателот Михајловски.
На денешниот Ф4 присуствуваше претставник од Европската ракометна федерација за да види како напредува и функционира регионалната лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА