Данило Михаљевиќ веќе втора сезона ги брани боите на Тинекс Пролет, откако црногорскиот голман одлично се адаптираше во тимот и се наметна како еден од најстандардните голмани во македонската Супер-лигата. Неговите интервенции носат сигурност на одбраната и Црногорецот дефинитивно има значаен придонес за добриот старт на сезоната на нашата екипа.
„Пресреќен сум во клубот и говорам од срце кога велам дека навистина се чувствувам како дома. Од првиот момент кога дојдов бев одлично прифатен од соиграчите, што ми помогна експресно да се адаптирам и да дадам свој придонес за што подобри резултати на екипата. Тоа пријателство што постои во Пролет е навистина ретко за ракометните клубови и пресреќен сум што сум дел од овој тим. Тоа беше и една од главните причини поради што не размислував премногу минатото лето и експресно се договоривме за продолжување на соработката“, вели Михаљевиќ.
Тој е задоволен и од резултатите на тимот во досегашниот дел од сезоната, со кои Пролет чекори сигурно кон остварување на првичната цел – пласман во плејофот.
„Мораме да бидеме задоволни бидејќи ги добивме сите натпревари што требаше да ги добиеме. Загубивме од Вардар и од Пелистер, но тоа се клубови со шампионски амбиции, за нас беше најважно да стигнеме до цел плен на сите останати натпревари и го остваривме тоа. На моменти имаме осцилации во играта, но тоа е нормално кога се има нови играчи во составот и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето. Нема сомнеж дека местото на Тинекс Пролет е во Топ 8, верувам дека ќе се пласираме во плејофот, а ќе сториме се за да стигнеме до третото место во нашата група од Супер-лигата“, истакнува голманот на Пролет.
А главните битки за третото место се очекува да се водат против градскиот ривал Бутел, од кои првата на програмата е токму денеска (18 часот, сала „Антон Димитров“ во Бутел).
„Бутел е градски ривал на Пролет, тим што квалитативно е тука некаде со нас и очекувам неизвесен меч. Тоа е градско дерби, а знете како велат, дербито не се игра, дербито се победува, треба да излеземе на терен, да дадеме се од себе и да ги освоиме бодовите. Цврстата одбрана и брзата транзиција, се нивни заштитен знак, ако успееме да најдеме одговор за тоа ќе стигнеме до победата со која би направиле џиновски чекор кон третото место. Бутел е екипа што игра многу подобро на домашен терен, но јас верувам дека Пролет може да стигне до бодовите“, изјави Данило Михаљевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА