Мијаиловиќ: Ако и јас си заминев, Партизан ќе згаснеше

Партизан конечно покажа знаци на живот во Евролигата со убедливата победа над Панатинаикос, по што во јавноста се појави претседателот Остоја Мијаиловиќ, жестоко критикуван и навредуван од навивачите, посочен како главен виновник за заминувањето на тренерот Жељко Обрадовиќ.

Голем дел од навивачите бараа Мијаиловиќ веднаш да си замине од функцијата, но српскиот бизнисмен во последната изјава објасни зошто во ниту еден момент не размислувал за таков чекор.

„Веќе 2-3 месеци трпам критики, со што го имам заслужено тоа? Кога го презедо Партизан во 2017 немавме ниту еден трофеј, а во мојот мандат имаме седум пехари. Имаа буџет од 500.000 евра, а сега таа сума е над 20 милиони евра. Јас сум претседател и одговарам за парите, горд сум што сите земаат плата, што Партизан не должи никому. Најлесно беше по смената на тренерот да си заминам и јас и да го распуштам управниот одбор. Кој тогаш ќе ги покриваше парите, а Партизан месечно има над два милиони евра трошоци. Ако и јас си заминев, Партизан ќе згаснеше, ќе банкротираше“, истакна Мијаиловиќ.

Тој одговори и на критиките од голем дел од легендите на Партизан кои целосно застанаа зад Обрадовиќ во конфликтот со првиот човек на клубот.

„Гледам сега некои големи „партизановци“ од генерацијата што сама себе се смета за најголема како се грижат за Партизан, како гласно коментираат. Го почитувам тоа, но каде беа во 2017. Имаа шанса да дојдат, да наследат 15 милиони евра долг. Тогаш молчеа, а сега се гласни во искажувањето на грижите… Зошто? Затоа што сега е многу полесно“, прокоментира првиот човек на белградските „црно-бели“.

Се вчитува...