Данило Мијатовиќ е кошаркарот што би требало да го засили тимот на МЗТ Скопје во битката под обрачите во претстојните натпревари од Супер-лигата. Крилниот центар имаше извонредна сезона во дресот на Куманово, но последните информации велат дека Мијатовиќ веќе си заминал од оваа екипа, во исчекување на одлуката на комисиите при МКФ кои според неофицијалните најави треба да му доделат раскин на договорот на штета на клубот. Петочниот состанок завршил без конкретно решение, од кумановци било побарано да достават дополнителна документација за осигурување на кошаркарот (која според неофицијалните информации ја немаат), па се очекува во најскоро време да биде донесена одлука за раскин на договорот меѓу српскиот крилен центар и македонскиот вицепрвак, по што Мијатовиќ ќе добие зелено светло за камбек во МЗТ Скопје.
Тој беше во ростерот на „сино-белите“ на саботниот дуел со Кожув, но не влезе во игра, а последните информации велат дека Мијатовиќ веќе си заминал од Куманово и ја очекува правната разврска во битката против својот клуб. Од своја страна МЗТ Скопје веќе поднел барање за регистрација на кошаркарот, за трансферот да може да биде комплетиран иако преодниот рок беше затворен во петокот. Она што го убедило српскиот интернационалец на камбек во клубот од Аеродром е фактот дека „металците“ му понудиле договор не само за следните три месеци, туку и за целата наредна сезона, што било пресудно за Мијатовиќ да „пресече“ и да донесе одлука да го напушти Куманово за трансфер во редовите на неговиот лут ривал.
Мијатовиќ доаѓа на местото на Даниел Кларк, кој беше отпуштен од страна на МЗТ Скопје пред десетина дена, а Србинот сигурно ќе добива значајна минутажа ако се знае дека „металците“ за Супер-лигата ќе останат и без Џош Скот, кој инсистира на враќање назад во САД по завршувањето на сезоната во АБА-лигата и вечерашниот натпревар со Морнар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА