Кошаркарот на Блокотехна, Данило Мијатовиќ ги предводеше вчера гевгеличани до многу значајна победа против својот поранешен тим за кој играше во изминативе три години. Мијатовиќ вели дека одиграа без притисок, но со голема желба да се надигруваат со шампионот.
„Уште од самиот почеток сметајќи ги и подготовките игравме доста тешки натпревари во кои се воигрувавме и ја подобрувавме нашата хемија. Дојдовме со голема желба да се надигруваме со шампионот, но без поголем притисок. Дадовме се од себе како и на секој натпревар, игравме да победиме и успеавме во тоа. Секогаш се будат емоции кога играм против МЗТ. Во ‘Јане Сандански’ поминав три прекрасни години, со овој клуб освоив три титули во домашното првенство како и еден Куп, така што секогаш е убаво да се дојде во оваа сала и да се видат некои добри луѓе. Вистинска штета е што публиката не доаѓа во голема бројка како некогаш, се надевам дека тоа ќе се смени во најскоро време“, ни изјави Мијатовиќ.
Во текот на средбата се случи и мало недоразбирање меѓу Трајковски и Мијатовиќ, па српскиот кошаркар вели дека му се допаѓа кога некој ќе го налути на терен, што му дава дополнителна мотивација да се надигрува.
„Тоа е само обично недоразбирање, производ од самиот жар на мечот, па емоциите се истакнаа малку повеќе. Вакви работи до некаде се и нормални, секој сака да допринесе за победа на својата екипа, а јас сакам кога некој ќе ме налути на терен. Тоа ми дава дополнителна мотивација да се надигрувам“, заврши Мијатовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА