Меѓу бројните претставници на делегацијата на Реал Мадрид во Скопје се наоѓа и Предраг Мијатовиќ, прославениот голгетер кој му ја донесе на „кралскиот клуб“ титулата европски првак во финалето со Јувентус во 1998 година. Во пресрет на вечерашниот дуел со Манчестер јунајтед, Мијатовиќ порачува дека овој дуел ќе биде сосема поинаков од оној на турнејата во САД одигран во Мајами, што заврши 1-1.
„Го гледав и тој меч во САД, мислам дека не треба да го споредуваме овој дуел со таа ревијална средба. Ова во Скопје сепак е битка за трофеј и убеден сум дека и Реал и Манчестер јунајтед ќе сторат се за да дојдат до него. Ова е почеток на сезоната и секако дека двата гиганти сакаат да стартуваат со пехар во своите витрини. Не би можел да кажам кој е фаворит, бидејќи двата тима имаат одлични фудбалери во своите редови“ – вели Мијатовиќ.
Реал играше многу слабо во подготвителниот период, но екс-голгетерот е убеден дека Зинедин Зидан добро си ја знае работата и ќе ја темпира формата за стартот на новата сезона.
„Зизу ги освои ЛШ и Примера минатата сезона, тоа доволно говори за неговите квалитети. Според мене најважно е што тој одржува одличен однос со сите фудбалери, ја контролира соблекувалната и знае што може секој играч да му понуди во даден период од мечот. Фудбалерите го почитуваат, тој ги почитува нив. Слабите резултати во подготовките не се преголем проблем, особено ако се знае дека Реал беше без Роналдо. Ова е сосема поинаку, ова е меч за титула, а знаеме дека Реал секогаш оди на трофеј, особено против ривал како Манчестер јунајтед“ – порачува Предраг Мијатовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА