Синот на легендарниот Михаел Шумахер, 18-годишниот Мик, денеска на патеката „Спа“ го возеше болидот на својот татко одбележувајќи ја на емотивен начин 25-годишнината од неговата прва победа во Формула 1 постигната на оваа патека.
Пред почетокот на трката за ГН на Белгија, Мик Шумахер влезе во историскиот болид и извозе неколку круга на патеката испратен со овации од публиката. Мик го возеше болидот на Бенетон Б194 со кој неговиот татко во 1992 година ја освои првата од вкупните седум титули во Формула 1.
„Беше извонредно. Неверојатно е што имав можност да го возам тој болид. Навистина сум почестен“ – рече Мик Шумахер клој сезонава се натпреварува во Формула 3.
Михаел Шумахер е најуспениот возач во Формула 1 со 91 победа и 68 пол-позиции. Ист број на освоени пол-позиции имаа и возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, кој вчера го изедначи рекордот на Шумахер, а денеска пол-позицијата ја претвори и во нова победа на трката за ГН на Белгија.
Шумахер на патеката „Спа“ во Белгија дебитираше во Ф1 во 1991 година. На 29 декември 2013 година, Шумахер доживеа несреќа на скијање во Франција во која се здоби со тешка повреда на главата од која се уште се опоравува во неговиот дом во Швајцарија. По несреќата, во јавноста нема многу информации за здравствената состојба на Михаел Шумахер, но денеска голем број љубители на Ф1 и негови обожаватели проследувајќи го возењето на Мик Шумахер на „Спа“, посакуваа Михаел Шумахер еден ден да може да го види својот син во легендарниот болид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА