Мик Шумахер (19) тргна по стапките на својот славен татко, седумкратниот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер кој по тешката несреќа што ја доживеа во 2013 година е во потполна излолација од јавноста.
Младиот Шумахер сезонава ја освои титулата во Формула 3 шампионатот, а од следната сезона ќе се натпреварува во формула 2. Неговиот сон е да настапува во Ф1, но до таму да стигне чекор по чекор со своите резултати, а не само со славното име.
„Прекрасно е чувството кога ја гледам целата оваа поддршка што ја добив кога ја освоив титулата во Ф3. Татко ми своевремено ме праша дали сакам да се занимавам со овој спорт професионално, или само онака, од хоби. Се разбира дека му реков дека сакам да возам професионално“ – вели Мик Шумахер.
Тој открива и дека му годат споредбите со неговиот татко.
„Отсекогаш сум сакал да ме споредуваат со најдобрите, а мојот татко е најдобриот. Тој е мој идол и пресреќен сум што ме споредуваат токму со него. Многу светски шампиони се споредуваат со мојот татко“ – вели 19-годишниот Мик Шумахер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА