Милан успешно ги финишираше преговорите за ангажман на Марко Спортиело, голманот на Аталанта кој летово ќе се пресели на „Сан Сиро“. Овој искусен 31-годишен чувар на мрежата го загуби првотимскиот статус во Аталанта, но во Милан го избраа токму Спортиело како идеален кандидат за прва резерва на Мењон.
Преговорите завршиле експресно, па искусниот голман веќе го ставил потписот на тригодишниот договор со „росонерите“ што ќе стапи во сила од 1 јули. Според овој договор, Спортиело ќе има годишна плата од 500.000 евра во таборот на Милан. Тој ќе дојде на местото на Романецот Татарушану, кој на 37-годишна возраст како слободен играч ќе си замине од „Сан Сиро“.
Спортиело бранеше на 123 натпревари на голот на Аталанта, а во периодот од 2017 до 2019 година имаше успешни настапи на позајмиците во Фиорентина и во Фросиноне. Сепак, тренерот Гасперини не сметаше сериозно на неговите услуги сезонава, давајќи му шанса само на 13 средби во сите натпреварувања, што беше причина овој голман воопшто да не преговара за останување во Аталанта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА