Милан подготвува играчки ремонт по оваа разочарувачка сезона, а Тео Хернандез најверојатно нема да биде единствениот Французин што ќе си замине од „Сан Сиро“ следното лето. Според последните информации, стапките на левиот бек ќе ги следи и првиот голман Мајк Мењон.
Во таборот на Милан се задоволни од изданијата на одличниот чувар на мрежата, но ќе бидат принудени да го продадат откако Мењон веќе одби неколку нивни понуди за да ја продолжи соработката Идентично како и Хернандез, И Мењон има договор до јуни 2026 година, па „росонерите“ се решени летово да го продадат и да не дозволат тој догодина без никаква отштета да го напушти клубот.
За разлика од Реиндерс и Пулишиќ со кои преговорите за продолжување на соработката се во завршна фаза, двајцата француски фудбалери се далеку од потпис и како што стојат работите, во летниот преоден рок ќе ги сменат клупските бои.
„Едно е јасно, нема да дозволиме играчи да го уценуваат клубот и да си заминат бесплатно кога тие ќе сакаат. Ако не потпишат нови договори, ќе бидат продадени, тоа се однесува на Хернандез, но и на сите останати“, изјави денеска техничкиот директор на „росонерите“, Џефри Монкада.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

