Долгите преговори конечно вродија со плод, па Милан денеска официјално потврди дека е потпишан првиот професионален договор со Франческо Камарда, тинејџерот кој важи за најголем талент во италијанскиот фудбал.
Камарда има само 16 години, но веќе дебитираше за првата екипа на „росонерите“ со што стана најмлад дебитант во историјата на Серија А. Воедно, тој настапуваше и за У19 тимот, постигнувајќи 14 погодоци иако против себе имаше ривали што се по три години повозрасни од него. Сериозен интерес за италијанското чудо од дете покажуваа Манчестер Сити и Арсенал, но „росонерите“ успеаја во својата намера да го „врзат“ Камарда потпишувајќи нов тригодишен договор со него.
„Сакаме да објавиме дека Франческо Камарда го потпиша својот прв договор со клубот. Франческо ќе ја продолжи својата авантура и ќе остане дел од клубот до 30 јуни 2027 година“, објавија „росонерите“ преку клупско соопштение.
Камарда летово настапи на У17 Европското првенство за Италија, постигнувајќи четири гола на пет натпревари и се закити со МВП признанието на овој шампионат. Тој во моментов настапува и за У19 репрезентацијата на Италија, на Европското првенство што се одржува во Северна Ирска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА