Милан и Вест хем ги менуваат голгетерите

Милан ја продолжува потрагата по нов напаѓач откако Турам го избра Интер за следна дестинација во кариерата, а „росонерите“ сега погледите ги насочија кон Џанлука Скамака од Вест хем. „Чеканите“ минатото лето платија 42 милиони евра за да го осигураат потписот на Скамака, но италијанскиот напаѓач не успеа да ги повтори одличните партии што ги имаше како член на Сасуоло.

Рома исто така покажува интерес за Скамака, но „росонерите“ се решени да не ја загубат и оваа трка, па во понудата ќе го вклучат и Дивок Ориги. Белгиецот пристигна како слободен играч од Ливерпул но се покажа како огромно промашување, а тренерот Пиоли веќе стави до знаење дека не смета на неговите услуги за наредната сезона. Самиот фудбалер е заинтересиран за враќање назад во Премиер-лигата, па челниците на Милан се надеваат дека токму Ориги ќе биде џокерот во преговорите со Вест хем  за да се осигура потписот на Скамака.

„Чеканите“ би добиле играч кој секогаш добро се снаоѓаше како џокер од клупата во Ливерпул и слична улога би имал и во лондонскиот клуб, а би заработиле и дополнителна отштета од над 20 милиони евра. Според англиските медиуми, Вест хем овие пари ќе ги инвестира во трансферот на Закарија од Јувентус, кој е ставен на трансфер-листа од „старата дама“ откако се врати од неуспешната позајмица во Челси.

Се вчитува...