Милан Илоски постигна 4 гола за Сан Диего: Само 20-ти фудбалер со четири гола во историјата на МЛС… (ВИДЕО)

Македонскиот интернационалец Милан Илоски стана, само 20-ти фудбалер во историјата на МЛС лигата во САД, кој успеал да постигне четири гола на еден натпревар.

Македонецот, кој во моментов игра како позајмен фудбалер од дански Нордсјиланд во Сан Диего, постигна четири гола во гостинската победа на својот клуб против Ванкувер од 3-5.

Интересно, три гола постигна во период од само девет минути од 35. до 44. минута во првото полувреме, а четвртиот гол го постигна во 47. минута на стартот од вториот дел.

Покрај тоа што се запиша во историјата на МЛС како 20-ти фудбалер кој постигнал четири гола, стана и прв фудбалер во историјата на Сан Диего кој постигнал хет-трик. Откако пристигна во клубот, во април оваа година, веќе има постигнато девет гола во МЛС лигата.

25-годишниот Илоски од 2023 година е член на дански Нордсјиланд, а сега игра на позајмица во Сан Диего. Неодамна и македонскиот селектор Благоја Милевски, во подкастот „Пресинг“ на ЕКИПА.МК, истакна дека веќе подолг период се следат настапите на Милан Илоски, и секако се наоѓа на поширокиот репрезентативен список со можност и за настап во националниот дрес во иднина.

Се вчитува...