Раководството на Милан заврши одлична работа со доаѓањето на Лука Модриќ, а маестралните изданија на Хрватот придонесоа италијанскиот гигант уште сега да почне да кова план за нов ваков мегатрансфер за наредното лето.
Роберт Левандовски е најновата желба на Милан, уште една фудбалска легенда пред крајот на својата кариера, но играч што исто како и Модриќ е беспрекорно физички подготвен што му овозможува се уште да игра на највисоко ниво. Левандовски влезе во последната година од договорот со Барса, тој е најплатен фудбалер на каталонскиот гигант, тренерот Флик сезонава најчесто стартува со Феран Торес пред Полјакот, како јасна порака дека тој веќе не е незаменлив во овој тим.
Во Милан будно ја следат ситуацијата, веќе е воспоставен првиот контакт, а се очекува на почетокот од 2026 година да биде испратена и официјална понуда до Левандовски.
Едно е сигурно, големиот ас не планира да се повлече на 37-годишна возраст, но интересно ќе биде да се види дали ќе тргне по стапките на Модриќ во Милан или ќе ги избере далеку подобрите финансиски понуди од Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

